Младата пијанистка Ана Кузманоска доби значајно признание од композиторот и професорот Димитрије Бужаровски, откако нејзината интерпретација на неговото дело беше професионално видео-снимана и вклучена во неговата музичка архива.
Снимката е реализирана во домот на професорот Бужаровски, што на овој проект му дава дополнителна симболика, бидејќи токму таму се создавале дел од неговите музички дела и долгогодишното творештво.
Со нејзиното објавување, изведбата на Ана Кузманоска стана 495-та архивска снимка на официјалната музичка архива на професорот Бужаровски, со што ќе остане трајно забележана како дел од неговото богато творештво.
Професорот Бужаровски упати високи пофалби за младата пијанистка и нејзината професорка Ана Ѓорѓиоска.
„Огромно браво за двете Ани! Кога нејзината професорка Ана Ѓорѓиоска ми го побара ноктурното, јас се сомневав дека Ана Кузманоска ќе успее да го подготви со оглед на тежината и во техничка и во интерпретативна смисла. Меѓутоа, на изненадувањата им нема крај – оваа снимка покажа дека Ана, иако во години на завршување на нижо музичко училиште, се справи со него како зрел пијанист. „Милице“ дише со една леснотија од почеток до крај и технички и музички ја предава приказната која се плете низ ова дело“, истакна Бужаровски.
Овој чин претставува значајно признание за младата музичарка, но и пример за поддршка на младите таленти, потврдувајќи дека признанието од самиот автор на едно дело е меѓу најголемите поттикнувања за понатамошен уметнички развој.







