(Видео) Поскапеа и зеленчукот и овошјето, а мерки нема, рече портпаролката на СДСМ, Кузеска

Портпаролката на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, оцени дека економијата бележи пад и дека граѓаните се соочуваат со влошен животен стандард.

„Помина 60 дена од почеток на кризата на Блискиот Исток а Мицкоски не презеде мерки за заштита на стандардот на граѓаните“, рече Кузеска, додавајќи дека и по најавите за мерки по Велигден, „повторно излажа, наместо мерки продолжија поскапувањата“.

Таа истакна дека, и покрај намалувањето на цените на нафтата, цените на храната и основните производи останале високи. „Скапите цени на храната и на основните производи секојдневно ги празнат џебовите на граѓаните“, рече Кузеска.

Според податоците на Државен завод за статистика, како што наведе, зеленчукот поскапел за над 38%, овошјето за над 10%, а продажните цени во земјоделството за 23%. Додаде дека веќе два месеци растат и цените на месото, зејтинот, маслото и јајцата.

„Ова не се обични бројки туку секојдневие на граѓаните со празни фрижидери и празни џебови“, изјави Кузеска.

Од СДСМ наведоа дека предложиле мерки како намалување на ДДВ за храна на 0%, намалување на акцизите, намалување на ДДВ за горивата на 5% и намалување на патарините, оценувајќи дека Владата ги најавува истите мерки „во фази – доцна и половично“.

Кузеска посочи дека во други земји се преземаат мерки за поддршка, додека „само кај нас Мицкоски не презема ништо“.

„Мицкоски се фали со ‘трета економија во Европа’, а во реалноста – тотален дебакл на економијата“, рече таа.

Според неа, платите остануваат најниски во Европа, инвестициите се намалуваат, а фабрики се затвораат. „Странските инвестиции паднаа за 60% од 1,2 милијарди евра во времето на СДСМ на само 467,5 милиони евра сега“, изјави Кузеска, додавајќи дека 180 милиони евра е долгот за поврат на ДДВ кон компаниите.

Таа рече дека десетици фабрики се затворени и дека над 1.500 работници останале без работа во изминатиот период.

„Реалноста боли. Народот осиромашува. Потребни се итни мерки – веднаш за намалување на цените, поддршка на ранливите граѓани и поддршка на економијата“, порача Кузеска.

Scroll to Top