(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба

На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.

Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.

СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.

„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.

Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.

Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.

„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.

ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.

„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.

На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

Scroll to Top