За труењето во Гостивар СДСМ поднесе кривична пријава против Клековски, Андоновска, Лазов, Амети, соопшти Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Помина повеќе од еден месец, цел град Гостивар беше отруен со загадена вода. Речиси 5.000 граѓани завршија во болница. Здравствена катастрофа и тотален распад на институциите. Одговорност од власта, од здравствените институции досега нема. Од никого. А нема ниту чиста вода во Гостивар. Четири недели власта на Мицкоски си поигрува со најскапото нешто – здравјето на луѓето. Јавното обвинителство молчи, ги игнорира повиците да преземе конкретни чекори“, рече тој.
Додаде дека одговорните за здравствената катастрофа, за труењето на цел еден град и загрозување на здравјето на 5.000 луѓе мора да сносат одговорност, политичка и кривична.
„СДСМ денеска поднесе кривична пријава за сите системски пропусти, непостапувања, непреземања на законските надлежности од страна на здравствените и инспекциските институции. Кривичната пријавата е против: Сашко Клековски – Министер за здравство во Владата на Мицкоски. Марија Андоновска – Директорка на Институтот за јавно здравје. Кирил Лазов – Директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Шпенди Амети, Директор на Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) – Тетово. Основани се сомненијата дека во периодот од јуни 2026 година па се до денес, во својство на службени или одговорни лица во институциите со кои раководат, не презеле дејствија и мерки за заштита на здравјето и спречување на последиците од загадувањето на водата во Гостивар. Не се придржувале кон прописите за заштита на луѓето и животната средина и луѓето. Се задоцнило со реакциите, 22 дена граѓаните на Гостивар пиеле отровна вода со фекалии, дури Центарот за јавно здравје соопштил дека водата е исправна за пиење“, појасни Фрчкоски.
Додаде дека иако по 200 граѓани дневно се пријавувале со здравствени тегоби, пет дена никој не презел ништо, да ја утврди причината, да реагира.
Според Фрчкоски, се задоцнило и со прогласување на епидемијата.
„Се криеја информации за водата од граѓаните, никогаш не беше објавена анализа или извештај. Сите овие непостапувања доведоа до сериозни и тешки последици за здравјето на граѓаните на Гостивар. Со ова пријавените сториле неколку кривични дела кои се гонат по службена должност“, рече Фрчкоски и го повика Јавното обвинителство да постапи, да ги преземе сите дејства за утврдување на фактите и доказите за наведените во оваа кривична пријава.







