Владата го утврди Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството за правда

Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Законот за Советот на јавни обвинители.

Овој закон, како што е соопштено, претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

„Клучни измени во Предлог-законот:

Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.

Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.

Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.

Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.

Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“.

Од министерството информираат дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.

Scroll to Top