Владата ризикува загуби од над една милијарда евра поради непочитување на стекнатите права на приватните организатори на игри на среќа и нивните доделени лиценци

Владата на Северна Македонија ризикува загуби од над една милијарда евра поради непочитување на стекнатите права на приватните организатори на игри на среќа и нивните доделени лиценци.

Приредувачите ја поздравуваат одлуката да се одржи јавна расправа за Предлог-законот за игрите на среќа, којшто се заканува да ја урне регулираната индустрија и да ја внесе во црните текови.

Предлог-законот за игрите на среќа сериозно се заканува да загрози 80 проценти од легалниот пазар на оваа индустрија и да предизвика загуби во државниот буџет кои би надминале една милијарда евра! Негативните ефекти за државата во случај на усвојување на новата регулатива се тројни – намалување на легалниот пазар кој годишно носи повеќе од 350 милиони евра приходи во државниот буџет преку давачки, даноци и придонеси што ги уплаќаат легалните приредувачи; изместување на регулираниот сектор во црни текови, со што државата ја губи контролата врз загрозените категории – младите и зависниците, што најдобро може да се види на примерите од соседните земји; поради губење на стекнатите права и нарушување на инвестициската клима, државата ризикува да влезе во спорови со инвеститорите пред домашни и странски институции, што би можело да ѝ нанесе штета која се мери во десетици и стотици милиони евра.

Претставниците на индустријата ја поздравија одлуката на членовите на Комисијата за финансирање и буџет да се одржи јавна расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и истакнаа дека со своето знаење, искуство и експертиза можат да дадат непроценлив придонес во процесот на изработка на ново одржливо законско решение, во согласност со сите европски и светски стандарди. Тие предупредуваат дека одредени одредби од предлогот на новата регулатива се исклучително опасни и штетни за легално уредената индустрија, која е и најголем приватен работодавач во земјата, како и дека на среден рок можат да предизвикаат хаос во општеството кој тешко ќе може да се спречи.

Предложените законски регулативи, преку воведување нови правила за оддалеченост и GPS, наложуваат затворање на објектите на легалните приредувачи, со што директно се загрозуваат нивните стекнати права врз основа на важечките лиценци. Иако со законот е предвидено дека претходно издадените лиценци и дозволи важат до истекот, новите правила можат да го отворат прашањето за нивната примена на постојните локации. Планираните измени би довеле до затворање на 800 уплатни места во Северна Македонија, преку ноќ би оставиле без работа повеќе од 10.000 вработени.

Затворањето на легалните објекти, кои работат согласно законот и важечките лиценци, не би довело до намалување на пазарот, туку само до изместување на легалната и строго регулирана индустрија на игрите на среќа во црни текови без никаква контрола, што може да се види и на примерите од регионот, како Албанија и Косово. Приходите кои се слеваат во државниот буџет од работењето на легалните приредувачи на игри на среќа би се, поради затворањето на нивните објекти со важечки лиценци, директно пренасочиле кон црниот пазар, а државата би останала без милионски приходи.

Истовремено, пазарот на недвижности би претрпел сериозен крах, бидејќи огромен број објекти кои се под закуп би останале празни.

Практиката на Уставниот суд на Република Северна Македонија застапува став дека државата не може да утврдува нови правила за односи кои веќе се воспоставени и завршени, бидејќи тоа создава правна несигурност и го нарушува довербата на правните субјекти во правниот поредок. Поради високите вложувања во закуп, опрема, вработени, информациски систем, банкарски гаранции и такси, постоењето на предвидлив и загарантиран правен оквир е од исклучително значење за легалните приредувачи.

Вообичаена практика во законските регулативи на земјите од регионот е дека воведувањето нови правила не може да ги загрози веќе стекнатите права по важечките лиценци и одобрените локации, сè до истекот на рокот за кој се издадени. Значи, законодавецот не може со нов закон да ги менува условите за веќе издадени лиценци на начин кој директно би ги ограничил веќе стекнатите права.

Во европската правна традиција исто така е загарантирана заштитата на легитимните очекувања и забраната за ретроактивно влошување на положбата, а овој стандард се применува и во секторот на игрите на среќа.

 

(пр)

Scroll to Top