ВМРО-ДПМНЕ: Криминалните шеми ги обединуваат Филипче и Ахмети и во опозиција

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Венко Филипче и Али Ахмети биле обединети во криминални шеми додека биле власт, а сега, како опозиција, дејствуваат координирано против безбедноста и интересите на граѓаните.

Во соопштението се наведува дека за време на седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ државата била оставена без систем, без одговорност и со високо ниво на криминал и корупција во сите пори на општеството.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети се поврзува со повеќе криминални афери, меѓу кои и случаите поврзани со неговиот внук Дрин Ахмети, купувањето на трговскиот центар „Соравија“, како и концесијата добиена од државната ЕСМ за ископ на варовник.

Во соопштението се наведува дека Филипче се поврзува со тешки трагедии и несреќи, меѓу кои пожарот во модуларната болница во Тетово, како и сообраќајните несреќи во Бугарија и кај Ласкарци, при што, како што се тврди, поради неодговорност и пропусти загинале 75 лица.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче и Ахмети повторно се обединети заради сопствени цели и заштита, наведувајќи дека пред десетина дена имале средба во Мала Речица, каде се координирале за идно политичко делување.

Во соопштението се посочува и дека нивните пратеници гласале против системот „Безбеден град“, што, според партијата, значи гласање против безбедноста на граѓаните во сообраќајот и заштитата на човечките животи.

Се наведува дека единствена грижа на Филипче е задржувањето на лидерската позиција во СДСМ, додека на последниот партиски конгрес, според ВМРО-ДПМНЕ, не присуствувала една третина од делегатите, што било доволно за покренување барање за негова смена, а дел од пратениците не присуствувале на седници што тој ги водел.

„Интересот на Филипче и Ахмети не се граѓаните, туку зачувување на нивните политички и бизнис интереси“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека партијата останува доследна на политики во интерес на граѓаните, со фокус на заштита на човечките животи, безбедноста на граѓаните и безбедноста на улиците.

Scroll to Top