ВМРО-ДПМНЕ: Ново училиште, градинка и финансиска поддршка за младите – Карбинци се развива

ВМРО-ДПМНЕ ги презентира резултатите од работата во Општина Карбинци во изминатата година, посочувајќи на инвестиции во образованието и инфраструктурата, како и на финансиска поддршка за деца, млади и семејства.

Од партијата велат дека во Радање е изградена нова училишна зграда, додека со доградбата на градинката „Кокичиња“ се обезбедува простор за околу 100 дополнителни деца.

Меѓу инфраструктурните проекти го издвојуваат и изградениот пешачки потег меѓу Таринци и Карбинци во должина од 1,5 километри, како и инвестициите во нови улици и подобрување на уличното осветлување.

„Се реализираат и капитални проекти како каналот Герен во Долни Балван и регулацијата на реката Брегалница, со кои се решаваат долгогодишни проблеми и се создаваат побезбедни и подобри услови за живот“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со инфраструктурните инвестиции, Општина Карбинци вовела и директна финансиска поддршка за повеќе категории граѓани. По 5.000 денари добива секое дете кое започнува во прво одделение, секој ученик кој ја започнува првата година од средното образование и студентите кои ја започнуваат првата година на државните универзитети.

За секое новороденче, пак, предвидена е финансиска поддршка од 10.000 денари.

„Ова можеби се финансиски средства кои на прв поглед не изгледаат големи, но за едно семејство значат поддршка во вистински момент“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека ова е само дел од реализираните активности во изминатата година и најавуваат продолжување на инвестициите во сите населени места во општината.

„Карбинци се движи напред со работа, инвестиции и јасна визија за иднината. Општина Карбинци продолжува да работи за секое населено место и за секој граѓанин“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top