ВМРО-ДПМНЕ: Таравари во скутот на Ахмети ја пее неговата песна

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Арбен Таравари дека го сменил ставот кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, под притисок и уцени, и дека сега работи во корист на ДУИ и Али Ахмети. „Арбен Таравари уште еднаш го покажа своето вистинско лице, човек кој до скоро јавно го фалеше Христијан Мицкоски и соработуваше со него, денес неосновано го напаѓа, само затоа што е уценет и мора да ја пее песната на Али Ахмети“, се наведува во соопштението на партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Таравари додека бил дел од Владата не изнесувал критики, туку зборувал за искреноста, капацитетот и посветеноста на Мицкоски, а дека сега, „кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа некои потсетници“, решил да стане „гласноговорник на ДУИ“. „Како и некои функционери на СДС и градоначалничката на Скопје, сега и Таравари е ставен во непријатниот скут на Ахмети, ама очигледно, кога ќе се намести убаво, скутот не му пречи“, се наведува во партиското соопштение. Од партијата заклучуваат дека „виновникот не е Ахмети, туку самиот Таравари, кој од човек со кредибилитет стана симбол за политичко понижување“, додавајќи дека „народот гледа сè“ и дека „на крајот, секој ќе си го добие заслуженото“.

Scroll to Top