ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.







