Татко и неговите двајца синови се приведени откако вчера нападнале и повредиле двајца вработени во АД „Бутел“ кај градските гробишта.
Како што соопшти МВР, станува збор за А.М.(48) и неговите синови Ј.М.(26) и Б.М.(27), сите од Скопје, кои биле проведени во текот на вчерашниот ден.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил околу 12:40 часот, кога тројцата ги нападнале Е.Д.(51) и М.Д.(54), вработени во АД „Бутел“. Напаѓачите употребиле гасен пиштол, како и ладно оружје – боксирач и нож.
Повредените биле пренесени во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“, каде им биле констатирани телесни повреди.
Од МВР информираат дека вработените претходно ги забележале лицата во близина на едно гробно место и, бидејќи им биле познати како сторители на кривични дела „тешки кражби“, ги предупредиле дека ќе повикаат полиција. По ова, следел нападот.
Тројцата се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.







