Гаши ќе биде домаќин на ХХ Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско Јонската Иницијатива

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 24 април 2026 година ќе биде домаќин на ХХ Конференција на претседатели/спикери на Јадранско и Јонската Иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во рамките на претседавањето на нашата држава со оваа Иницијатива. Конференцијата ќе се одржи во Кристалната сала на Собранието.

На состанокот ќе присуствуваат претседатели, заменик-претседатели и пратеници од парламентите на државите членки на ЈЈИ – Република Северна Македонија, Република Албанија, БиХ, Хрватска, Република Грција, Црна Гора, Италијанска Република, Сан Марино, Република Србија и Република Словенија, како и претставници од Секретаријатот на ЈЈИ.

Учесниците на Конференцијата ќе се фокусираат на две клучни теми на кои ќе бидат посветени двете сесии: „Промовирање на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“ и „Зајакнување на регионалната поврзаност: Коридорите VIII и X и улогата на парламентите“.

На Конференцијата, покрај претседателот Гаши, обраќање ќе имаат и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова; потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски; заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски; како и други истакнати експерти во тематските области.

Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) која е основана на Самитот за развој и безбедност на Јадранското и Јонското Море, Анкона (Италија) на 19 и 20 мај 2000 година и чија цел е јакнењето на регионалната соработка, промоција на политичка и економска стабилност, како солидна основа за процесот на европска интеграција, ја сочинуваат четири земји членки на Европската Унија и шест земји кои не се членки на ЕУ.

Scroll to Top