Скопје денес беше домаќин на висока меѓународна делегација од европските градови Кемниц, Гориција и Нова Горица, потврдувајќи ја својата посветеност кон зајакнување на европската културна соработка во пресрет на титулата Европска престолнина на културата 2028.
На средбата присуствуваа градоначалниците Само Турел, Радолфо Зиберна и Џозефин Хаге, како и вршителот на должноста амбасадор при Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау. Разговорите беа фокусирани на размена на искуства, предизвици и добри практики поврзани со подготовките и реализацијата на оваа престижна европска титула.
Во рамки на посетата, делегацијата прошета низ централното градско подрачје на Скопје, запознавајќи се со културното и историското наследство на градот, по што следуваше официјална средба во Europe House Skopje, како простор за дијалог, идеи и визија за идниот развој.
Од страна на домаќинот беше истакнато дека Европската престолнина на културата не е само признание, туку и процес на отворање, учење и поврзување, во кој културата станува двигател на општествени и урбани трансформации. Особено беше нагласено значењето на меѓународната соработка и размената на искуства со градови кои веќе успешно ја реализирале оваа улога.
Средбата беше оценета како значаен чекор во градењето на долгорочни партнерства, кои ќе придонесат за зајакнување на европскиот културен идентитет и за создавање нови можности за граѓаните, уметниците и институциите.
Како дел од програмата, вечерва во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложба која ќе биде достапна за јавноста од 15 до 26 април. Изложбата претставува симбол на заедничката визија, културната поврзаност и партнерството меѓу градовите.
Од Градот велат дека продолжуваат со засилено темпо на подготовките за 2028 година, со јасна цел – да се изгради поотворен, покреативен и поврзан град, кој активно ќе придонесува кон европската културна сцена.







