Дата-центарот во Пехчево е сопрен, ДПМНЕ нека не се обидува повторно да го протне и да ги лаже граѓаните, велат од Левица

Откако Левица ја обзнани иницијативата за дата-центар во Панчарево и ја отвори темата што локалната власт очигледно сакаше да ја истурка без каква било дебата, денес точката беше повлечена од дневниот ред на Советот на Општина Пехчево. Притисокот вроди со плод, велат од партијата.

„Градоначалникот Александар Китански беше видно вознемирен што Левица, иако нема советник во Пехчево, дознала што се подготвува и ја алармирала јавноста, па наместо аргументи понуди навреди и нè прогласи за „пајташка партија“. Нека продолжи да паничи. Ако една објавена точка од дневен ред е доволна да му ја наруши комоцијата, допрва ќе има причини за нервоза – Левица ќе го вади на виделина секој обид вакви зделки да се протнат далеку од очите на јавноста. Паниката ја изрази и на граѓаните присутни на седницата на кои не им одговори на легитимните прашања и се обидуваше со ниски удари да ги навреди“,велат од партијата.

Обидот да се минимизира значењето на точката со објаснување дека „ова не значело изградба на дата-центар“ бидејќи подоцна следувале други согласности и документи, сметаат од Левица, е уште побесрамен.

Токму затоа, додаваат од партијата, мораше да биде запрена првата институционална врата што му се отвора на проектот.

„Нема логика Советот да дава зелено светло за иницијатива за која не знае ни кој ни што стои зад неа.
Уште поинтересно во паничните излагања на градоначалникот е што изјави дека не знаел ниту кои му се надлежностите. Сепак, ова не значи дека опасноста за Пехчево е надмината. Оваа иницијатива мора будно да се следи и никогаш повторно да не биде внесена на дневен ред, ниту преку изменета формулација, нова урбанистичка постапка или административен маневар“, велат од Левица.

Од партијата велат дека според информациите со кои располагаат, следна локација што се разгледува за ваков проект е крајбрежјето на Вардар во Неготино.

„Затоа уште сега ја предупредуваме локалната и централната власт дека секој обид вакви енергетски и водоинтензивни проекти да се туркаат без целосна јавно-објавена документација, ќе наиде на скандализирање и отпор од страна на Левица“, се наведува во соопштението.

 

фото/Depositphotos/илустрација

Scroll to Top