Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.







