По исцрпните дискусии изнесени на Јавната расправа одржана на 1.12.2025 година на тема: „Имплементација на конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција)“, на продолжението на 9-та седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беа донесени следниве заклучоци:
1. Заострување на казнената политика
Фемицидот да се третира како најтешко кривично дело, со можност за доживотен затвор и јасно дефинирани стандарди за ризик и превенција.
2. Силен и одговорен институционален систем
Да се редизајнира координативното тело со експертски пристап, законска одговорност и редовно (квартално) известување за резултати.
3. Кадар и професионализација на институциите
Центрите за социјална работа и сите надлежни институции да се доекипираат со специјализиран кадар и задолжителна континуирана обука и сертификација.
4. Интегриран систем за податоци и координација
Да се воспостави функционален дигитален систем за размена на податоци меѓу институциите, со унифицирана евиденција и редовен мониторинг.
5. Зголемување и стандардизација на услугите за жртви
Да се прошири мрежата на засолништа, кризни и регионални центри, со јасни стандарди, територијална покриеност и 24/7 пристап до услуги.
6. Долгорочна поддршка и реинтеграција на жртвите
Престојот во засолништата и финансиската помош да се продолжат, со системски мерки за вработување, домување и бесплатна психосоцијална поддршка.
7. Системска работа со сторителите
Да се воведе задолжителен психосоцијален третман со судска мерка, следење на ризикот од повторување и проширување на програмите низ државата.
8. Одржливо и предвидливо финансирање
Да се обезбеди стабилен финансиски модел (држава – локална самоуправа -НВО), базиран на реални трошоци и повеќегодишно планирање.
9. Превенција преку образование и јавна свест
Да се воведат задолжителни програми во образованието и континуирани кампањи насочени за подигање на јавната свест како кон жртвите така и кон потенцијалните сторители
10. Целосна имплементација на законската рамка
Да се донесат сите подзаконски акти, да се усогласи судската пракса и да се обезбеди доследно спроведување на стратегиите и законите.
Нашата земја беше мегу првите земји што ja потпишаа Истанбулската конвенција и истата е ратификувана од Собранието во декември 2017 година, а е на сила од јуни 2018 година. Со тоа државата се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилството.
По исцрпните дискусии изнесени на Јавната расправа одржана на 7.4.2026 година на тема: „Нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од родово-базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026-2033“, на продолжението на 13-та седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беа донесени следниве заклучоци:
1. Одржливо и институционално финансирање на СОС-линиите, специјализираните сервиси и долгорочни механизми за заштита.
2. Подобра координација меѓу институциите, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, со јасно дефинирани улоги и обврзувачки механизми за постапување.
3. Достапна и бесплатна правна, психосоцијална и здравствена помош, итно сместување и програми за долгорочно закрепнување и економско зајакнување на жртвите.
4. Зајакнување на капацитетите и сензитивноста на институциите, особено на Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, судовите и обвинителствата, за навремено и соодветно постапување.
5. Континуирани, стандардизирани и специјализирани обуки за полиција, социјални работници, наставници, судии, обвинители и други професионалци кои работат со жртви.
6. Подобрување на судската и правната заштита, унапредување на санкциите и обезбедување поддршка за жртвите со цел избегнување секундарна виктимизација.
7. Развој на национален систем за мониторинг, користење анонимизирани податоци и редовен надзор врз спроведувањето на стратегиите и мерките.
8. Рамноправен пристап до услуги за сите жени, особено за жени со попреченост, жени од рурални средини, возрасни жени и жени жртви на дигитално насилство.
9. Законско доуредување на дигиталното насилство и зајакнување на институционалните капацитети за постапување во вакви случаи.
10. Подобрување на меѓусекторската комуникација и документирањето на случаите меѓу сите релевантни чинители во системот за заштита.
11. Јакнење на превенцијата преку образование, работа со млади, вклучување на мажи и спроведување активности во руралните средини.
12. Обука на наставниците и на стручните служби за рано препознавање и навремена реакција на знаци на семејно насилство.
13. Поголемо искористување на мерките за економско зајакнување и поддршка за независност и сигурност на жртвите.
14. Ревидирање на подзаконските акти и обезбедување транспарентен буџет, како и јасен стратешки пристап кон финансирањето на услугите.
15. Развој и достапност на специјализирани и лиценцирани услуги, вклучително сервиси за лица во криза, сторители и жртви со специфични потреби.
Националната стратегија има за цел да обезбеди функционален, усогласен и одржлив систем за спречување и заштита од родово базирано и семејно насилство, заснован на човекови права и родова еднаквост. Со неа се воспоставува интегриран пристап кој ги поврзува различните надлежности,







