Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.