На 17 август во Пациото на НУ Завод и Музеј, Битола и на 18 август во Долни Сарај, Охрид, косовската оперска пејачка Зана Абази Рамадани повторно ќе настапи со Оркестар DIVA, како дел од годинашното издание на „Flowers Symphony“. За Зана ова ќе биде трет настап во рамките на овој музички проект, кој на една сцена обединува симфониска музика, опера, италијански канцони и познати филмски теми.
Препознатлива по својот моќен вокал, сценска елеганција и впечатливи интерпретации, Зана Абази Рамадани е едно од истакнатите имиња на косовската вокална сцена. Со богато искуство во операта, концертните настапи и музичката педагогија, таа зад себе има бројни настапи во Косово и надвор од него.
Зана и претходно има настапувано со Оркестар DIVA, но во последните две години нивната уметничка соработка значително се интензивира. Нејзиното учество во повеќе проекти на оркестарот создаде континуитет во соработката, а „Flowers Symphony“ стана еден од проектите преку кои таа соработка особено се издвојува. Годинава Зана по третпат ќе биде дел од „Flowers Symphony“, продолжувајќи ја успешната соработка со Оркестар DIVA и диригентот Владимир Димовски.
Токму оваа соработка е и еден убав пример за тоа како музиката ги поврзува уметниците од Косово и Македонија, создавајќи простор за нови заеднички проекти и културна размена меѓу двете земји.
Зана Абази Рамадани дипломирала на Факултетот за уметности во Приштина во 2008 година, а своето музичко усовршување го продолжила на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што во 2015 година магистрирала Cum Laude.
Во нејзината оперска кариера се издвојуваат повеќе значајни улоги и настапи. Во 2016 година дебитира во улогата на Џилда во операта „Риголето“, со настапи во Албанија и на сцената на Македонската опера и балет, а во 2019 година ја толкува и улогата на Фатима, продолжувајќи да го гради својот богат оперски репертоар.
Годинава „Flowers Symphony“ доаѓа со нова и освежена програма. Покрај најубавите италијански канцони и оперски арии, публиката ќе има можност да слушне и незаборавни теми од светската кинематографија, со музика од големите филмски композитори Енио Мориконе, Џон Вилијамс, Ханс Цимер и други.
На сцената ќе се обединат повеќе од 100 учесници – Оркестар DIVA, оперските солистки Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, хорот
„Гортинија“ од Гевгелија, под водство на Илија Атанасов, како и специјалните гостинки Наде Талевска и Билјана Талевска.
Целиот концерт ќе се одржи под диригентската палка на Владимир Димовски.
Третото учество на Зана Абази Рамадани на „Flowers Symphony“, како и сè почестите заеднички настапи со Оркестар DIVA, претставуваат уште една потврда дека културната и уметничката соработка меѓу Косово и Македонија може да создаде долгорочни и успешни музички приказни. „Flowers Symphony“ е токму една од нив – проект во кој музиката создава мостови, ги поврзува уметниците и обединува публика без граници.







