ЗНАМ: Молкот на Филипче и Заеви за фирмите во Бугарија отвора сомнежи за конфликт на интереси

Движењето ЗНАМ обвини дека раководството на СДСМ се обидува да ги релативизира прашањата од национален интерес, оценувајќи дека тезите оти „сите политичари се исти“ служат за прикривање на бизнис интереси поврзани со Бугарија и за оправдување на политики кои, според партијата, одат во прилог на официјална Софија.

Во соопштението, ЗНАМ тврди дека постои суштинска разлика помеѓу, како што наведуваат, транспарентноста на нивниот лидер Максим Димитриевски и молкот на Венко Филипче и семејството Заеви околу компании регистрирани во Бугарија. Од партијата посочуваат дека Димитриевски јавно потврдил дека во 2015 година, кога не извршувал државна функција, со деловни партнери основал компанија во Бургас, која според нив, немала значителен промет.

ЗНАМ прашува дали Филипче и лица од семејството Заеви ги поседуваат компаниите POWER i8 Ltd и GOMASIDRA Ltd, како и дали на иста адреса во Петрич се регистрирани и други фирми поврзани со семејството Заеви. Од партијата бараат одговори за дејностите на тие компании, како и за капиталот и имотот што го поседуваат во Бугарија.

Во соопштението се наведува дека молкот околу овие прашања отвора сомнежи за поврзаност меѓу приватните бизнис интереси и политичките ставови во однос на уставните измени и односите со Бугарија.

Од ЗНАМ повторуваат дека нивниот став останува непроменет и дека уставните измени можат да стапат на сила единствено по приемот на Македонија во Европската Унија, со, како што велат, цврсти гаранции за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историја.

Scroll to Top