Движењето ЗНАМ оцени дека јавноста заслужува одговори поради, како што наведува, спротивставените изјави на поранешниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, поврзани со наводни разговори за враќањето на Никола Груевски во земјата во периодот на обезбедување мнозинство за уставните измени.
Од партијата посочуваат дека Пендаровски во телевизиско интервју зборувал за сценарија во кои се разгледувале можности за враќање на Груевски преку помилување или амнестија, со цел да се влијае врз процесот на уставните измени и политичките односи во државата.
Истовремено, ЗНАМ потсетува дека Ковачевски во друго телевизиско гостување изјавил дека во периодот кога бил претседател на СДСМ не се воделе разговори за какви било политички аранжмани или коалиции со поранешни премиери.
Според ЗНАМ, станува збор за две различни верзии на настаните, поради што јавноста има право да знае која од нив е точна.
Партијата го повика актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, да се произнесе дали повеќе им верува на Пендаровски или на Ковачевски. Воедно, од ЗНАМ побараа и поранешниот премиер Зоран Заев да одговори на прашањата поврзани со наводите за комуникација меѓу Будимпешта и Скопје и евентуални политички договори.
Во соопштението, ЗНАМ поставува прашања и до СДСМ и ДУИ за тоа дали постојат службени белешки, записници или стенограми од евентуалните разговори, како и дали тие имале влијание врз политичките процеси и законските измени во државата.
Од партијата најавуваат дека ќе продолжат да бараат, како што велат, целосно расветлување на сите околности поврзани со овие наводи, оценувајќи дека граѓаните заслужуваат целосна транспарентност за носењето на важните политички одлуки.







