Иницирај промена! – изложба во „Сули Ан“ што ги охрабрува младите да зборуваат за емоциите и менталното здравје

На 10 декември 2025 година од 19:00 часот, во Галерија „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (Сули Ан) ќе биде отворена изложбата „Иницирај промена! Креирај Гласно“, во организација на Здружението за промоција, едукација и заштита на човековите и здравствените права „БИДИ ЧОВЕК“, поддржана од Ротари Клуб Скопје Интернационал.

Изложбата претставува избор од уметнички дела создадени за време на специјализираната работилница за емоции и уметност, реализирана со 14 млади лица – девојки и момчиња, кои работеа под менторство на психологот Тина Чачоровска и уметникот Доротеј Нешовски. Преку процесот на креативно изразување, младите ги истражуваа своите емоции, учеа да ги препознаат, да ги именуваат и да се соочат со нив на здрав и конструктивен начин.

Настанот ја истакнува клучната порака дека менталното здравје и емоционалната благосостојба се основни човекови права. Емоциите – од страв, трема и вознемиреност до радост, љубопитност и надеж – се составен дел од нашето секојдневие. Препознавањето, правилното реагирање и справувањето со нив не се само лична потреба, туку и општествена обврска.

Дополнително, изложбата ја нагласува важната улога на семејството како прва и најзначајна алка во поддршката на менталното здравје. Многу родители често се чувствуваат неподготвени да се соочат со предизвиците кои ги носат тинејџерските години. Оваа иницијатива има за цел да ја засили свесноста за потребата од помош, водство и алатки за родителите – за подобро да ги разберат своите тинејџери, да ги поддржат во емоционалните тешкотии и да изградат здрави, отворени и доверливи односи.

Изложбата е дел од пошироките активности насочени кон поддршка на младите, унапредување на менталното здравје и промовирање на правата на сите деца и млади луѓе да живеат во средина која ги разбира, слуша и охрабрува.

Scroll to Top