„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот Влатко Стефановски – автор чииот звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана вчера, а мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режијата е доверена на Дејан Пројковски. Во моментов, во план е претставата да вклучува 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за мјузиклот од Бобан Мирковски.
Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференцијата истакна дека идејата за проектот постои веќе три години, додека конкретните активности започнале минатиот јуни.
– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе – сите врвни професионалци во својата област – но токму тоа ни дава право да веруваме дека создаваме еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава, рече Мандичевски.
Приказната на сцена ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие се избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, во мјузиклот ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе се надградува во текот на процесот.
За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев а вокален ментор е Ана Костадиновска. Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.
Самиот Стефановски истакна дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање.
– Текстот на Венко ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. За мене тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери – имаме исклучително
талентирани млади луѓе и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект, рече Стефановски.
Андоновски, пак, со доза хумор и искреност зборуваше за својата долгогодишна почит кон семејството Стефановски.
– Имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара – не успеав, па отидов на книжевност. Првата книга што ја добив беше ‘Диво месо’ од Горан Стефановски, и него не успеав да го надминам. Но, еве, животот убаво ги реди работите и сега работиме заедно“, рече Андоновски, додавајќи дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе.
За него, Влатко Стефановски е „човек епоха“, а процесот на пишување, како што вели, течел речиси природно.
– Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни ја раскажаа приказната. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со силен копнеж да се успее, во која се обидов да ја внесам мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, истакна Андоновски.
Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.
– Тргнавме храбро – со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствен јазик и идентитет. Создаваме продукт што треба да ги полни салите, не само кај нас, туку и во регионот, и навистина сум возбуден поради делото што го градиме, рече Пројковски.
Аранжерот Мирковски ја опиша задачата како сериозна и одговорна, но и инспиративна.
– Кога Влатко ми даде целосна слобода да работам со музиката што ја создавал цел живот ми рече имаш одврзани раце, слободно уживај и јас решив навистина да уживам во процесот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, истакна тој.
Кореографката Панго, која и самата настапувала во претстави на музиката на Стефановски, нагласи дека мјузиклот е најсложената сценска форма.
– Тоа е голем предизвик, но и огромна чест. Создаваме македонски мјузикл со македонска душа, кој треба да изгледа и да звучи светски. Се надевам дека ќе удриме во центарот, рече Панго.
Поддржувачи на проектот се осигурителната компанија „Триглав“ и „Шпаркасе банка“. Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ истакна дека нивната поддршка била дадена уште во најраната фаза, кога проектот сè уште постоел само како идеја на хартија.
– Вакви независни проекти е невозможно да се реализираат без поддршка од општествено одговорни компании и навистина сме им многу благодарни за тоа, нагласи Бабиќ.
Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ изразија благодарност за можноста да бидат дел од проектот, оценувајќи го како најголем предизвик во нивните досегашни кариери. За нив, како што истакнаа, е чест да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена, со надеж дека „Као какао“ ќе ги полни салите во Македонија, но и ќе доживее успех надвор од земјата.







