Собраниските комисии за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија во прво читање ги поддржаа Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, кои претставуваат дел од клучниот реформски пакет за зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на правосудството.
Двата закона се подготвени во рамки на обврските утврдени во Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и имаат за цел да создадат современ и функционален систем за управување со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства.
Меѓу најзначајните новини се издвојуваат:
• Воспоставување посебен статус на судските и јавнообвинителските службеници како посебни административни службеници, со што се признава специфичноста на нивната работа и се напушта моделот преземен од општиот систем на административни службеници;
• Нов систем за вработување и унапредување, прилагоден на потребите на судовите и јавните обвинителства, кој обезбедува избор на најстручни и најквалитетни кадри;
• Воспоставување реален кариерен развој и можности за напредување во рамки на службата, особено за стручните кадри и правниците;
• Зајакнување на кадровската автономија и намалување на зависноста од извршната власт при планирањето на вработувањата;
• Нов систем на пресметка на платите со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата;
• Зајакнување на дисциплинската одговорност, интегритетот и механизмите за заштита на правата на вработените;
• Подобро уредување на статусот на судската полиција и другите категории вработени во правосудните институции.
Заменик министерот за правда Ален Деребан истакна дека донесувањето на овие закони претставува важен чекор кон создавање стабилна и професионална правосудна администрација.
„Со овие законски решенија за првпат воспоставуваме систем кој ја препознава специфичноста на работата на судските и јавнообвинителските службеници. Создаваме услови за професионален развој, правично вреднување на трудот, поголема институционална независност и поефикасно функционирање на судовите и јавните обвинителства. Нашата цел е силни институции поддржани од стручна и мотивирана служба која ќе придонесе за поквалитетни услуги за граѓаните и зајакната доверба во правосудниот систем“, изјави Деребан.
Во следната фаза од собраниската постапка ќе бидат организирани јавни расправи на кои ќе учествуваат претставници на судската и јавнообвинителската служба, институциите, стручната јавност, академската заедница и граѓанскиот сектор, со цел дополнително унапредување на предложените законски решенија преку инклузивен и транспарентен дијалог.
Предлог-законите се финансиски одржливи и нивната примена не предизвикува дополнителни буџетски импликации над веќе планираните средства.







