Еден од најголемите светски тенори на сите времиња, Хозе Карерас, ќе настапи во Скопје на 1 септември, на голем музички настан заедно со Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески и Сузана Спасовска, во придружба на Македонската филхармонија, најавија од Авалон продукција.
Настанот ќе се одржи на Плоштад „Македонија“ и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани, како дел од програмата за одбележување 35 години независност на Македонија.
Концертот ќе биде поделен во два музички сегменти: во првиот дел, публиката ќе има можност да проследи специјално осмислен концерт со македонските музички ѕвезди и повеќе од 60 врвни музичари од Македонската филхармонија, под диригентската палка на Сашо Татарчевски, со нови оркестрации и аранжмани подготвени специјално за оваа вечер од маестро Николче Мицевски.

Вториот дел од вечерта му припаѓа на Хозе Карерас и неговиот безвременски светски репертоар, заедно со Македонската филхармонија и предводено од неговиот долгогодишен диригент, David Giménez.
„А, во текот на вечерта ќе има и неколку специјални музички спојувања помеѓу овие два света, моменти што оставаме да останат изненадување за публиката. По спектакуларната најава на David Guetta – Monolith Stadium Show, ова е вториот голем настан кој се организира во рамки на јубилејната програма, овојпат во знакот на класична музика и македонската музичка традиција“, велат од Авалон продукција.







