Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска во Анкара оствари работна средба со претседателот на Уставниот суд на Република Турција, Кадир Озкаја.
Во фокусот на средбата беа разговорите посветени на натамошното унапредување на билатералната соработка и размената на искуства во областа на уставното судство. На средбата беше потврдена заедничката определба за продлабочување на институционалните односи меѓу двата уставни суда преку интензивирање на меѓусебната комуникација, размена на добри практики и организирање идни заеднички активности од заемен интерес.Посебен акцент беше ставен на претстојните активности во рамките на Балканскиот форум на уставни судови (BCCF), како и на можностите за понатамошна меѓународна афирмација на Форумот во пресрет на европските и светските конгреси на уставните судови. Претседателот Костадиновски го запозна претседателот Озкаја со актуелните предизвици со кои се соочува Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и со активностите што Судот ги презема за унапредување на транспарентноста, отвореноста кон јавноста и справувањето со дезинформациите, лажните вести и манипулациите поврзани со неговата работа. Воедно, претседателот Костадиновски изрази благодарност до Уставниот суд на Република Турција и до Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) за континуираната поддршка што ја обезбедуваат за Уставниот суд на Република Северна Македонија.
„Уставните судови, преку заемна соработка и размена на искуства, придонесуваат кон јакнењето на владеењето на правото, независноста на уставното судство и заштитата на уставните вредности. Искрено ја цениме подготвеноста на Уставниот суд на Република Турција за натамошно продлабочување на нашите односи и заедничко дејствување во рамките на меѓународните уставносудски иницијативи. Истовремено, за нас е особено значајно што имаме искрен партнер кој ја поддржува модернизацијата, транспарентноста и институционалниот развој на Уставниот суд“, изјави претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски. Средбата е дел од континуираните активности на Уставниот суд насочени кон зајакнување на меѓународната институционална соработка, унапредување на билатералните односи со сродните институции и афирмација на улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија на меѓународен план.







