Криумчар удри во патарини, возила и нападна полицаец – приведени две лица по полициска потера кај Градско

Двајца државјани на Косово се приведени синоќа по драматична полициска потера на автопатот Градско – Скопје, откако се обиделе да пренесат осум мигранти од Народна Република Кина во возило со косовски регистарски ознаки. Инцидентот започнал околу 21:40 часот кога возилото „фолксваген кеди“, управувано од 24-годишниот Г.Л., а со сопатник 18-годишниот Б.Л., не застанало на полициски знак за запирање и продолжило со опасно движење кон Скопје. Во обид да го избегне апсењето, возачот оштетил повеќе инфраструктурни објекти и возила – наплатната станица во Градско, во движење удрил во автомобил „опел инсигниа“ со странски таблички и нанел штета и на мотоцикл со македонски ознаки. Потоа била оштетена и рампа на наплатната станица Петровец. Потерата завршила кај клучката Приштина на скопската обиколница, каде што возачот изгубил контрола и излетал од патот. При обид да избега пеш, физички нападнал полициски службеник, но бил совладан и приведен. За време на акцијата биле испукани и предупредувачки куршуми, но никој не е повреден. Приведените се задржани во полициска станица, а мигрантите се префрлени во транзитен центар. По целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава од Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија при РЦ за гранични работи Север.

Scroll to Top