Левица: ДПМНЕ го награди Фетаи, човекот кој со месеци не одеше на работа, а земаше плата

Во држава во која граѓаните со мака заработуваат мизерна плата, Владата на ДПМНЕ создаде привилегирана политичка каста во која неработењето е најсигурниот пат до повисока функција. Арбен Фетаи, човекот кој со месеци не се појавуваше на работа, а редовно земаше плата од парите на граѓаните, денес е награден со дипломатски статус и нова државна титула, велат од Левица.

„Од вицепремиер за добро владеење, функција што со него прерасна во најскапиот политички оксиморон во државата, преку ноќ стана специјален пратеник. Мицкоски наместо да испратат порака дека злоупотребата на јавната функција носи одговорност, тој покажа дека може уште подлабоко да коленичи пред ВРЕДИ. Најгласните самопрогласени “бранители на достоинството“ повторно ја свиткаа кичмата. Истите оние што градеа политички кариера на патриотски пароли, денес без трошка срам ги претвораат државните функции во жетони за поткусурување на коалициската покер-маса. Кога се во прашање фотелјите, исчезнуваат сите црвени линии, испаруваат свечените заклетви и се распаѓа целата театарска претстава за принципиелност. Останува само голиот инстинкт за опстанок на власта“, пишува во соопштението.

Наместо одговорност за месеците во кои јавноста се прашуваше каде е човекот што прима државна плата, а тој објавуваше фотографии од приватно патување во Тајланд, велат од Левица, следуваат дипломатски пасош, нов кабинет и уште повеќе привилегии.

„Наместо санкција, тој е награден и унапреден. Така изгледа мерит-системот на Мицкоски – систем во кој не се вреднуваат трудот, стручноста и резултатите, туку политичката погодност, коалициската послушност и подготвеноста државниот интерес да се жртвува за уште еден ден на власт“, велат од партијата.

Левица обвинува дека ВМРО – ДПМНЕ не управува со државата, туку со коалициски долгови.

„Секоја нова функција е рата од политички договор, секоја институција е монета за поткусурување, а секое коленичење се плаќа со јавни пари. Кога власта почнува да ги унапредува оние што не работеле, а чесниот македонски работник мора да ја заработува секоја мизерна плата со пот и труд, тогаш не се понижува само институцијата, туку и секој граѓанин што ја финансира оваа срамна политичка трговија“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top