Левица: МОН повторно ги крие бодовите за студентските домови, а Ревизија веќе предупреди дека тоа овозможува фаворизирање

„ДПМНЕ повторно бара од студентите да ѝ веруваат на збор, наместо да им покаже како се распределуваат местата во студентските домови. Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсот, но транспарентна ранг-листа со освоени бодови повторно нема. А токму бодовите се суштината на постапката – кога за едно легло конкурираат повеќе студенти, јавноста мора да знае по кои критериуми е избран едниот, а одбиен другиот“, велат од партијата Левица.

„Укажуваме дека ова не е прашање на добра волја на министерката, туку на правила што Министерството е должно да ги почитува. Постапката за прием предвидува рангирање според утврдени критериуми, а Правилникот предвидува објавување на списокот на студенти со добиените бодови. И самиот Државен завод за ревизија констатирал дека рангирањето се врши по групи и според бодови, а списокот со освоените бодови треба да биде јавно објавен.

Особено што МОН не може да се правда дека не знае колкав ризик создава ваквата нетранспарентност. Државниот завод за ревизија веќе утврдил дека за конкурсот во 2022/2023 година не му била доставена документација дека Министерството воопшто извршило бодирање согласно пропишаните критериуми. Апликациите биле обработувани рачно и внесувани во Excel-табели без бодирање, а ревизорите недвосмислено заклучиле дека отсуството на бодовни ранг-листи овозможува субјективно постапување при распределбата на местата и фаворизирање на дел од студентите.

Левица бара МОН да го почитува член 13 од Правилникот за начинот на прием на студентите во државните студентски домови и веднаш да ги објави целосните ранг-листи со освоените бодови на сите кандидати, по домови и категории, со јасно наведена граница за прием, како и бројот на пријавени, примени и одбиени студенти.

Министерството дополнително треба да објасни како студент може ефективно да поднесе приговор на рангирањето доколку не му е овозможено да види каде се наоѓа на ранг-листата и со колку бодови.

Одвратно е што студентското легло се претвора во уште една привилегија што младите треба да ја молат од партиски централи. Во услови кога кирии од неколку стотици евра за многу семејства значат откажување од студирање во друг град, местото во студентски дом е прашање на егзистенција. ДПМНЕ нема право да бара доверба таму каде што одбива да покаже бодови. Ако изборот е чист и законит, лесно ќе им биде веднаш да ја објават целата ранг-листа“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

Scroll to Top