Во време кога современите технологии овозможуваат далечинско отчитување и со над 99% сигурност во преносот на податоци, народот во Македонија сè уште се соочува со одминати стари практики како физичко читање на броила, доцнења, корекции и непрописно отчитување, велат од Левица.
„ЕВН, фирма со милионски профити, сè уште нема целосно функционален систем за далечинско отчитување на броилата. И тоа не е затоа што не можат да воведат систем за далечинско читање, туку затоа што застарениот начин на функционирање им одговара. Кога отчитувањето не е автоматизирано, се отвора простор за проценки наместо реални податоци, за префрлање вина врз потрошувачите, за бирократски лавиринти при жалби и за сметки што граѓаните прво мора да ги платат, па дури потоа да докажуваат дека машината згрешила“.
Граѓаните, додаваат од оваа партија, не смеат да бидат заложници на застарен модел кој произведува несигурност, додека, како што велат, компанијата наплатува сигурно и навремено, додека пак Регулаторната комисија за енергетика се однесува како нем набљудувач на самоволието на ЕВН наместо да застане на страна на потрошувачите.
„Затоа бараме:
– Јавен план за целосно воведување далечинско отчитување на броилата;
– Објава на точен број броила што реално се читаат од далечина;
– Крај на произволни проценки со М отчитување;
– Динамично менување на тарифите;
– Проверка на потрошувачката во реално време и
– Спроведување на законската обврска секоја сметка да се темели на реално измерена потрошувачка“.
Според Левица, непреземањето иницијатива од страна на власта за надминување на ова и натаму ги остава граѓаните на милост и немилост на универзалниот снабдувач ЕВН.
„Фотографирањето и уживањето на гала вечерите на Премиерот Мицкоски со раководството на оваа компанија не значи ништо, бидејќи не се преземаат реални мерки за заштита на потрошувачите“.







