Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, во прва фаза, ја прифати апликацијата на жалителот Апасиев против Република Македонија и и додели судски број: 25565/25 и бар-код, соопштија од Левица.
„За потсетување станува збор за познатиот случај на одбивање на референдумската иницијатива на пратеникот проф. д-р Апасиев од страна на тогашниот претседател на Собранието на РМ – Таљат Џафери, а во врска со парламентарните Заклучоци донесени за т.н. Француски предлог за бугаризација на Македонија.
Професорот Апасиев, во жалбата до Стразбур, се повикува на член 1 од Протоколот XII (2000) и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, односно на општата забрана на дискриминација, а во врска со член 10 (Слобода на изразување) и член 11 (Слобода на собирање и здружување) од ЕКЧП“.
За осуда е тоа што, како што додаваат од оваа партија претходно, сите редовни домашни судови се прогласија за ненадлежни да постапуваат по овој предмет, а Уставниот суд на РМ – дури по три години од поднесување на првичното Барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот, истото го одби со паушално и правно неиздржано образложение.
Според оваа партија, со овој правен преседан, уште еднаш се покажува нестручноста и слабиот правен капацитет на уставните судии, кој воопшто не ја следат, ниту применуваат јудикатурата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), што само по себе е поразително и недозволиво.
Левица, додаваат од таму, обзнанува дека правната битка за овој, но и за другите случаи – како што е оној за цензурата врз нејзе на последните Локални избори 2025 спроведена од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), исто така ќе ги изнесе пред Европскиот суд за човекови права и очекува позитивен исход од истите.
„Но, истовремено, бараме правна и политичка одговорност за сите инволвирани во ваквото еклатантно кршење на човековите слободи и права на левичарите.







