Македонската композиторка Ана Пандевска на фестивалот „ЕКЛАТ“ во Штутгарт

Македонската композиторка Ана Пандевска ќе учествува на престижниот фестивал за современа музика „ЕКЛАТ“, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија, со две музички композиции и едно видео во рамки на програмата посветена на современи авторски и уметнички практики.

Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл Neue Vocalsolisten Stuttgart, додека видеото е реализирано во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.

Во програмата се вклучени делата Electroacoustic mantra „From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“(2025). Првото дело е засновано на концептот на мантрата како чин на повторување и е инспирирано од долгиот и комплексен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија. Преку вокални и електронски структури, делото ја проблематизира трансформацијата на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промена на името на државата — од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.

Второто дело, создадено во 2025 година, функционира како иронична кода на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација е претставена како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот е свесно употребен како начин на ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања.

Двете композиции се занимаваат со повторување и трансформација, претставувајќи две емоционални фази на истиот процес — од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении продолжена транзиција. Со овие дела, Ана Пандевска поставува прашање:

Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?

Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.

Scroll to Top