Македонски Концепт упати Дипломатски манифест до САД: Веруваме дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници

„Политичката партија Македонски Концепт, како легитимен политички субјект во Република Македонија со јасна про-западна, демократска и реформска ориентација, упатува Дипломатски манифест до САД, со цел да придонесе кон јасно, отворено и одговорно преиспитување на состојбата на билатералните односи. Ние веруваме дека демократијата има право и обврска да се брани“, соопштуваат од Македонски Концепт.

„Манифестот беше усвоен од страна на Националниот Комитет на МК на 19.02.2026 година, кој констатира дека стратешкото партнерство со САД претставува клучен столб на националната безбедност, политичката стабилност и про-западна ориентација. Секое сериозно нарушување или релативизирање на ова партнерство создава вакуум кој ја зголемува институционалната ранливост, отвора простор за деструктивни влијанија и ја поткопува довербата во демократските процеси.

Со особена загриженост го констатираме фактот дека Република Македонија во одредени контексти се третира во ист ранг со држави кои се соочуваат со сериозни безбедносни и институционални колапси. Тоа не е резултат на еден настан, туку на долгорочна државна слабост и недоволна решителност во справувањето со појави на верски радикализам, антизападни и прокомунистички идеолошки наративи и институционална корупција и недоследно владеење на правото.

Во таа насока, Манифестот ја афирмира потребата од политичка и економска декомунизација, лустрација, заштита на христијанско културно – историско наследство и сузбивање на појавите на нелегалната миграција која ги уништува традиционалните вредности во нашите општества. Искажуваме политичка волја за јасна корекција кон донесување на законодавни и институционални механизми против верски радикализам, јасно дистанцирање од комунистичката и секоја тоталитарна идеологија, системска борба против корупцијата, со мерливи и проверливи резултати.

Македонски Концепт ја поддржува идејата за продлабочен билатерален стратешки и безбедносен компактен однос меѓу Македонија и САД, а како членка на НАТО и деклариран сојузник, имаме легитимно право на отворен дијалог, фер проценка и почитување на постојните договори за стратешко партнерство. Охрабруваме директна комуникација, јасни критериуми и заемна одговорност, како основа за обновување на довербата.

Македонски Концепт верува дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници. Овој Дипломатски Манифест, го упатуваме како израз на сериозна политичка намера, вредносна усогласеност и подготвеност за одговорно партнерство со Соединетите Американски Држави“, соопштуваат од Македонски Концепт.

Scroll to Top