Десет лица, меѓу кои и двајца малолетници, биле лишени од слобода во засилени сообраќајни контроли спроведени низ државата, откако биле затекнати како управуваат моторни возила без возачка дозвола или без соодветна категорија, соопшти МВР.
Во Скопје биле приведени двајца малолетници, едниот на булеварот „Македонско-Косовска Бригада“, а другиот во село Студеничани, кои управувале автомобили „мерцедес“ без да поседуваат возачка дозвола. На улицата „Самоилова“ во Скопје бил приведен и 36-годишник кој управувал „фолксваген бора“, исто така без возачка дозвола.
Во Гостивар биле лишени од слобода 21-годишник од село Мало Турчане и 25-годишник од село Добридол, кои управувале возила без возачка дозвола. Во двата случаи возилата биле одземени.
Во Прилеп бил приведен 29-годишен жител на село Десово, општина Долнени, кој управувал возило „лада“ без возачка дозвола.
Во Гевгелиско биле приведени тројца возачи – двајца кои управувале автомобили без возачка дозвола и еден мотоциклист без возачка дозвола. Во еден од случаите возилото било одземено.
Во Валандово, пак, полицијата привела 43-годишен маж кој управувал мотоцикл без да поседува соодветна категорија за управување, при што мотоциклот бил одземен.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.







