Минчев: Македонија полека но сигурно се препознава како лидер на реформите во регионот

Министерската конференција во Будва, одржана во рамки на Берлинскиот процес, министерот за јавна администрација, Горан Минчев ја заокружи со низа значајни билатерални средби со свои колеги и високи претставници од регионот и од Европската Унија, со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во клучните реформски области.

Во фокусот на разговорите беа реформите во јавната администрација, кои министерот Минчев ги потенцираше како суштински предуслов за напредокот на државата кон Европската Унија. Тој нагласи дека станува збор за процес што оди подалеку од административни прилагодувања, односно за темелна трансформација на институциите во ефикасен сервис на граѓаните.

На билатералната средба со министерот од Косово, Лулезон Јагџиу, беше отворена дискусија за конкретни решенија и практики кои веќе даваат резултати, при што министерот Минчев ја истакна важноста од регионалната соработка и заемното учење. Тој изрази задоволство што реформските процеси во Македонија се повеќе се препознаваат како позитивен пример во регионот.

Во разговорите со генералниот секретар во Министерството за јавна администрација на Република Грција, Јанис Фустанакис, беа разгледани можностите за развој и унапредување на Академијата за јавна администрација, како и за воспоставување поинтензивна соработка со нивниот Национален центар за јавна администрација.

Дополнително, на средбата со Франческо Леоне, советник на министерот за јавна администрација на Италија, фокусот беше ставен на јакнење на капацитетите на административните службеници и продлабочување на соработката преку програмите на Националната школа за јавна администрација на Италија.

Со овие активности, министерот Минчев уште еднаш ја потврди позицијата на Македонија како активен и кредибилен партнер во регионалните и европските процеси, се истакнува во соопштението.

Scroll to Top