Мицкоски вчера првпат му се јавил на државниот јавен обвинител: Савески за одлуката за мазутот дознал по нејзиното донесување

Државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера првпат телефонски разговарал со премиерот Христијан Мицкоски.

Според информацијата од обвинителството, во разговорот не станало збор за детали од конкретни предмети, вклучително и за одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.

„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, се истакнува во информацијата од обвинителството.

Од таму се додава дека предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно.

„Имено согласно чл.3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“.

Во напишаното се додава дека уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите.

Scroll to Top