Премиерот, Христијан Мицкоски, кој учествува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, имаше средби со неговите колеги од Косово и од Хрватска, Албин Курти и Андреј Пленковиќ.
„Остварив средба со премиерот на Република Косово, Албин Курти, на која разговаравме за унапредување на добрососедските односи, регионалната соработка и заедничките предизвици и можности за развој на нашите две земји“, објави Мицкоски.
Додаде дека двете земји продолжуваат со отворен и конструктивен дијалог во насока на стабилен, поврзан и просперитетен регион.
Мицкоски на „Фејсбук“ објави и фотографии од средбата со хрватскиот премиер.
„Остварив средба со Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ на која разговаравме за европската перспектива, унапредувањето на добрососедските односи, регионалната соработка и важноста од продолжување на реформските процеси согласно европските стандарди“, напиша Мицкоски.
Тој сподели и слична порака како по средбата со Курти.
„Продолжуваме со отворен и конструктивен дијалог со нашите европски партнери, во насока на градење посилна, стабилна и просперитетна иднина за граѓаните“.







