„Музика.Сега!“ со Александар Гордон и Емил Табаков

Оркестарот на Македонската филхармонија в петок со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Музика. Сега!“ на кој како солист ќе настапи виолистот Александар Гордон од Германија. Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концертот за виола и оркестар од Алфред Шнитке и суита од операта „Кавалер со ружа“ оп.59 од Рихард Штраус.

Маестро Александар Земцов зад себе има навистина богата кариера како виолист, но во последниве години тој е и успешен диригент. Всушност, неговиот дебитантски настап како диригент се одржал во Финска, во 2014 година со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта, што му донел покани да диригира и со останатите оркестри во Финска. Во 2017 година следувал мошне значаен концерт којшто му донел покани за диригирање ширум светот, со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио и со влијателниот виолончелист Миша Мајски како солист. Во 2018 година, маестро Земцов диригирал со Камерниот оркестар на Манхајм и OZM Дортмунд во Германија, како и во Оперскиот театар во Риека, Хрватска, со изведби на балетот на Чајковски – Оревокршачка“. По неговиот дебитантски настап во Кина, пак, во септември 2018 година со Симфонискиот оркестар на Лиаонинг, воспоставил соработка за неколку програми во следните сезони. Александар Земцов е член на програмата „LEAD!“, каде што соработува како ментор по виола и асистент-диригент на врвниот Јука-Пека Сарасте. Во 2020 година тој дебитирал и како оперски диригент со „Алеко“ од Рахмањинов во Украинската национална опера во Киев, што следеле повторни покани за следната сезона. Во април 2021 година, му асистирал на маестро Владимир Јуровски со Лондонската филхармонија, а истата година го имал и својот дебитантски настап како диригент на Лондонската филхармонија на турнеја во Мадрид и Барселона. Во 2015 година, Александар Земцов бил именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар (INSO) во Лвив, давајќи му на овој мултинационален германско-руско-украинско-еврејски музичар улога на „Амбасадор на мирот“ во Украина, со цел да донесе мир и единство преку музиката. Инаку, на само 23 години, Александар Земцов бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Во 2012 година, по десет години како лидер на виола-секцијата на ЛПО, тој заминал за да се посвети целосно на својата кариера како солист и диригент.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај иригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.

Scroll to Top