На 29 мај (петок), во Камерната сала на Филхармонија во 19 часот, ќе се одржи долгоочекуваната музичко-поетска италијанска вечер под наслов: „Поетиката на музиката и музикалноста на поезијата: големата италијанска традиција“, која ќе ја обедини магијата на филмската музика, поезијата и врвната изведувачка уметност.
Во Скопје пристигнува еден од најреномираните италијански трубачи, Марко Пиеробон, кој ќе настапи како солист заедно со ИД Камерниот оркестар, под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска.
На програмата се дела од легендарните композитори Енио Мориконе и Нино Рота — музичките визионери кои оставија длабока трага во италијанската и светската филмска уметност, создавајќи незаборавни звучни пејзажи кои и денес ја освојуваат публиката ширум светот.
Посебна уметничка димензија на вечерта ќе ѝ дадат поетските сегменти инспирирани од творештвото на Франциск Асишки (годинава се одбележуваат 800 години од неговата смрт) и Луиџи Пирандело, кои ја збогатуваат програмата со филозофска и духовна длабочина, а ќе биде прочитана и една поема од Мајка Тереза. Како рецитатор ќе се претстави Тина Иванова, музиколог и писателка.
Темата „Љубовта и сите нејзини облици“ ја води културната програма за 2026 година на Амбасадата на Италија во Скопје. Станува збор за универзална и безвременска тема која низ историјата инспирирала бројни значајни дела од италијанската литература.
2026 година одбележува 90 години од смртта на Пирандело, добитник на Нобелова награда за литература во 1934 година и еден од најзначајните италијански писатели на сите времиња. Неговите размисли за љубовта го отвораат тематскиот контекст на вечерта.
„Песната на созданијата“, пак, на Франциск Асишки е напишана околу 1224 година, две години пред неговата смрт. Делото претставува прв поетски текст во народен италијански јазик и возвишена пофалба на природата, создадениот свет и братството со сите елементи на животот. Поемата на Мајка Тереза носи наслов „Сакај го животот“ и таа е посветена на возвишеноста на љубовта и на животот.
Концертот е дел од годинешното издание на „Скопски Брас Фестивал“ и се реализира со значајна поддршка од Италијанската амбасада во Скопје и Италијанскиот институт за култура во Белград.
Публиката ќе има можност да доживее вечер исполнета со емоција, медитерански дух и уметничка префинетост, каде музиката и поезијата се спојуваат во едно единствено сценско доживување.







