Постојат индиции дека 40 авто – школи во земјава договарале цените за обука на возачи.
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во рамки на тековната работа за утврдување можни повреди на Законот за заштита на конкуренцијата, изврши увид во повеќе авто-школи на подрачјето на Република Северна Македонија, при што постапувањето на Комисијата опфаќа активности поврзани со над 40 авто – школи.
При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на авто школите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи.
„Комисијата продолжува со интензивно прибирање докази и детално утврдување на сите релевантни факти. Доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно Законот. Комисијата останува посветена на заштита на конкурентниот пазар и интересите на потрошувачите“, се наведува во соопштението.







