Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со заменик претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен” – Скопје, Ангеле Сотировски, извршија увид во активностите на проектот WILD-A – Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени.
Проектот се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III – Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, како соработка меѓу четири организации од двете земји. Партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој.
Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
„Пожарите, особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме.“, посочи министерот Перински во рамки на посетата.
Преку проектот во областа „Јасен“ се зајакнуваат мерките за противпожарна заштита со набавка на специјализирани возила и опрема, вклучително противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани пумпи, возило за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари (багер со лопата), оптички систем за надзор со долг дострел како и опрема за мали инфраструктурни интервенции. Како дел од активностите се предвидува и обезбедување научна експертиза, спроведување истражувања за мерки за заштита од пожари и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест.
„Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари, туку ја поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница.“ истакна Ангеле Сотировски, директор на „Јасен“.
Шумските пожари се сè поголем предизвик во услови на климатски промени, а овој проект носи конкретни решенија за превенција, рана детекција и заштита на биодиверзитетот.







