Нови стандарди во офталмолошката грижа: Извршени девет трансплантации на рожница

Во рамки на еднонеделниот престој на медицинска делегација од Duke University (САД), една од водечките светски институции во клиничката медицина, на Универзитетската клиника за очни болести беа изведени вкупно девет трансплантации на рожница, поставувајќи нови стандарди во офталмолошката грижа во нашата држава, соопшти Министерството за здравство.

Делегацијата, составена од проф. д-р Лојд Вилијамс, асс. д-р Ник Гарсон и д-р Шина Сонг во рамки на посетата беше примена и од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу.

„Започнувањето на ова поглавје е резултат на едногодишна, темелна и посветена подготовка започнувајќи од организирањето на националната листа на чекање, усогласувањето на протоколите и административните процедури, до создавање партнерство со Duke University, САД. Верувавме дека нашата земја има потенцијал за современа трансплантација на рожници и денес тоа го покажуваме со првите успешни трансплантации“, посочи националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.

„Горд сум што Македонија демонстрира знаење, визија и силна институционална посветеност. Ова е огромен медицински успех и доказ дека можеме да го модернизираме здравството и да им обезбедиме најдобра можност на пациентите кои долго го чекаа овој момент“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.

„Ова претставува исклучително значаен и долгоочекуван чекор напред за нашето јавно здравство, за нашата институција, но пред се за пациентите кои имаат потреба од ваков вид високо-специјализиран третман. Македонија прави огромен напредок кон современа, достапна и висококвалитетна офталмолошка грижа, отворајќи ново поглавје за сите пациенти. Партнерството со Duke University, нивната донација на ткива и директната соработка во оперативните сали создадоа силен темел за натамошен развој на програмата“, изјави директоркатана Клиниката за очни болести, доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов.

Трансплатациите беа реализирани од тимот на Универзитетската клиника за очни болести во состав: директорката на Клиника за очни болести, доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, насл. доц. д-р Христијан Дума, прим. д-р Бисера Велковска, асс. д-р Ана Трпеска Бошкоска; анестезиолозите д-р Катерина Аспроска Блажевска и д-р Ангелина Трајчевска; анестетичар Канита Арифи, како и медицинските сестри и инструментарки дипл. мс. Билјана Трајчева, мс. Тамара Тасевска, дипл. мс. Суреја Идризи, дипл. мс. Марина Трајковска и целиот персонал на клиниката.

Од изведените интервенции, според медицинска индикација, две беа направени со методата DMEK – најсоврмена техника при која се трансплантира само еден микронски слој од рожницата, што првпат се изведе во нашата земја, и останатите седум беа пенетрантни кератопластики (PRK), првпат во јавното здравство по половина век.

„Со овие успеси, трансплантацијата на рожници во Македонија добива современ, одржлив и светски квалитетен модел“, велат од Здравство..

Scroll to Top