Од термален извор до современ туризам: потенцијалот што го има Македонија

Здравствениот и велнес туризмот во Македонија имаат солидна основа, но сè уште се развиваат нерамномерно. Земјата располага со повеќе термални извори – од Кочани и Штипскиот регион, преку бањите во Дебарско и Катланово, до југоистокот. Дел од нив нудат добри услови за релаксација и третмани, но ретко се среќава целосен систем што комбинира современа медицинска рехабилитација, квалитетно сместување, гастрономија и висок стандард на услуга.

Македонскиот туризам и натаму во голема мера се потпира на езерските и планинските дестинации, додека здравствениот туризам – сегмент кој може да донесе подолг престој на гостите и поголема додадена вредност – останува недоволно развиен.

Токму затоа е важно како ги користиме природните ресурси што веќе ги имаме. Термоминералната вода не е само туристичка атракција. Таа може да биде сериозен економски потенцијал што создава приходи, работни места и регионален развој доколку зад неа се изградат соодветна инфраструктура и професионална услуга.

Еден пример каде што ова се случува многу поконкретно го најдов под падините на Беласица. Кога влегов во хотелот „Цар Самуил“ во село Банско кај Струмица, веднаш почувствував дека овде се работи со јасна насока. Од едната страна се густите шуми на Беласица, од другата широката Струмичка Котлина, а околу хотелот владее мир кој уште на почетокот го менува ритамот на престојот.

Името Терме Парило доаѓа од изворот Парило, чија термоминерална вода е во центарот на целиот концепт.

Водата извира со температура од околу 72°C и богат минерален состав. Термалните води на ова подрачје се користеле уште во далечното минато, а денес водата контролирано се употребува, на соодветна температура, во базени, џакузи, индивидуални кади и различни хидротераписки процедури.

За време на мојот престој имав можност да ги видам речиси сите содржини. СПА центарот е обемен – голем базен со термоминерална вода, џакузи, сауни, солена соба, различни видови масажи, купки и третмани. Тука е и теретаната, а гостите имаат можност престојот да го приспособат според тоа дали дошле првенствено за одмор, велнес или рехабилитација. Медицинскиот дел ме изненади најмногу.

Очекував стандардна хотелска wellness понуда, а наидов на сериозно организиран тим и многу поголем фокус на рехабилитацијата отколку што претпоставував. Специјалистите и физиотерапевтите комбинираат хидротерапија, кинезитерапија, електротерапија, TECAR терапија и други индивидуално приспособени програми.

Она што особено го забележав е дека нема чувство на брзање и шаблонски пристап. Гостите кои доаѓаат за закрепнување, рехабилитација или превенција добиваат пристап приспособен на нивните потреби.

Истото внимание го забележав и кај персоналот. Од рецепцијата, преку ресторанот, до терапевтскиот тим – услугата е професионална и ненаметлива. Нема претерана услужливост што по некое време станува напорна, туку чувство дека некој е тука кога ви е потребен.

А храната беше уште едно изненадување.

Очекував класична хотелска понуда, а добив мени на кое очигледно му е посветено многу повеќе внимание. Свежи состојки, локални вкусови и современ пристап во подготовката, со свест дека дел од гостите престојуваат подолго и имаат различни потреби. Од она што го пробав, слободно можам да кажам дека квалитетот на дел од понудата може да конкурира и на многу добри ресторани надвор од хотелскиот сектор. Хотелот „Цар Самуил“ располага со соби и апартмани со поглед кон планината или котлината. Во непосредна близина е и новиот хотел „Косара“, специјализиран за сместување на лица кои доаѓаат на физикална терапија и рехабилитација. Тоа изгледа како логичен следен чекор во развојот – поголем капацитет и уште пофокусирана понуда за гости на кои им е потребен подолг тераписки престој.

Природата околу комплексот е приказна сама за себе. Под Беласица има мир, чист воздух и густи шуми. Од хотелот започнува шумска патека долга околу три километри која води кон Габровските водопади – три живописни каскади скриени во букова шума. Патеката не е особено напорна и е одлична за прошетка.

Во близина се наоѓаат и остатоци од римска терма. При копањето на темелите за хотелот „Цар Самуил“ во 1978 година биле откриени остатоците, што дополнително сведочи за долгата историја на користење на термалните води на ова подрачје.

ПР

Scroll to Top