Во рамки на заложбите за унапредување на комуналната инфраструктура и обезбедување поквалитетни услови за живот на граѓаните, Општина Илинден, во соработка со ЈКП „Водовод“, продолжува со активности за подобрување и модернизација на водоводната мрежа на територијата на општината, соопштија од таму.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улица „9“ во н.м Илинден, при што истакна дека станува збор за инфраструктурен проект од особено значење за локалното население, со кој по повеќе од четири децении се решава проблемот со дел од постоечката водоводна мрежа која не беше во функција, како и проблемите со намален притисок во водоснабдувањето, особено во летниот период.
Со реконструкцијата се спроведува целосна модернизација на водоводната мрежа на траса од околу 1.200 метри, при што се вградуваат нови и современи цевководни решенија што ќе придонесат за поголема сигурност, ефикасност и подобра функционалност на системот за водоснабдување. Во рамки на проектот, особено внимание е посветено на употребата на висококвалитетни материјали и опрема кои ги исполнуваат релевантните европски стандарди, со што се обезбедува долгорочна одржливост и зголемена отпорност на водоводната инфраструктура.
Реконструкцијата ќе овозможи постабилно водоснабдување, подобрен притисок во мрежата, намален ризик од дефекти и прекини, како и намалување на загубите на вода. Дополнително, со предвидените подземни и надземни противпожарни хидранти се зголемува безбедноста на населението и имотите во овој дел од општината.
Општина Илинден и во наредниот период продолжува со интензивна реализација на проекти од комуналната и патната инфраструктура, со цел создавање современи и подобри услови за живот за сите граѓани.







