Со 17 гласа „за“ и 7 „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари.
Буџетот, истакнуваат од општината, е изработен транспарентно и во директна консултација со граѓаните, а носи силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакна дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година.
„Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, дури 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.
-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани“, истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Буџетот, појаснуваат од општината, предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.
„Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани“, стои во соопштението.







