Отстранет билбордoт на влезот на Скопје по реакциите во јавноста

По 48 часа од неговото поставување, денеска е отстранет билбордот со натпис „Добредојдовте во Скопје“, кој предизвика голем број коментари на социјалните мрежи.

Билбордот создаден со помош на вештачка интелигенција стана предмет на потсмев поради бројните визуелни аномалии. Најголемо внимание кај граѓаните предизвика приказот на коњот Букефал, кој беше нацртан со пет нозе, како и необичниот изглед на шлемот на Воинот на коњ.

Дополнително, јавноста изрази незадоволство и од илустрацијата на верскиот објект, за кој дел од коментаторите оценија дека повеќе потсетува на храмот „Света Сава“ отколку на автентичните македонски цркви, како и од илустрацијата на Скопското кале.

Поради бројните критики од граѓаните и политичките субјекти кои укажаа на непрофесионалната изработка, билбордот повеќе го нема, а неофицијално ќе биде заменет со нов на трошок на истата компанија.

Scroll to Top