По повод новата премиера „Пинокио“ од Карло Колоди, денес се одржа прес-конференцијата во Битолскиот театар. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. На прес конференцијата присутните ги поздрави и ги информираше за програмата за 2026., директорот на НТБ Битола Васко Мавровски.
„Министерот за култура и туризам за одредени национални установи кои во изминатата година покажале исклучителни ре-резултати во работењето, донесе Одлука за избор на национални установи на кои работењето во 2026 година ќе се финансира со делегиран буџет. Доделени средства за работа се вкупно шест милиони четиристотини педесет и осум илјади денари, од коишто, имаме дел за меѓународна соработка, дел за проекти за оваа година и една мала ставка за одржување на објектот. Со одлука на Управен одбор, по предлог програма на директорот, која претходно е потврдена од страна на Уметничкиот совет, се донесе одлука да се работат девет проекти, во делот на реализација на театарски претстави, три гостувања и делот за одржување на објектот.
“Пинокио” од авторот Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски – износ 1.250.000 денари, “Пламенка” од авторот Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска Петрушева – износ 0 денари, бидејќи тоа е копродукција со независна сцена, финансирана од Министерството за култура.
“Не се дотерувај за вечер” од авторот Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски – износ 590.000 денари, “Госпоѓа Бовари” од авторот Густав Флобер, во режија на Дејан Пројковски — износ 100.000 денари, “Кориолан” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел — износ 1.600.000 денари, “Господин Благородник” од авторот Молиер, во режија на Благој Мицевски – износ 368.000 денари, “Битола Шекспир Фестивал” во организација на НУ Народен театар Битола — износ 460.000 денари, “Ни треба пејачка” од авторот Кен Лудвиг, во режија на Ненад Витанов — износ 1.100.000 денари, “Новогодишен сон” од авторот Јулијана Мирчевска, во нејзина режија – 0 денари. Тоа ќе биде претстава која ќе ја финансираме од сопствени средства и се надевам дека ќе бидеме дел од Зимската приказна на Општина Битола и со тие средства ќе успееме на некој начин да ја оформиме претставата во однос на сценографија и на костими“.
Тука се и неколку меѓународни гостувања.
„Гостување со “Кориолан” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, во Верона, Италија на “Verona Shakespeare Fringe Festival” – износ 482.000 денари. Ова дело за прв пат се поставува во ваква форма во Македонија, чија премиера ќе се случи на Охридско лето.
Гостување со “Ричард ІІІ” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски, во Тарговиште, Романија на “The 14th edition of BABEL International Performing Arts Festival” – износ 304.000 денари. Гостување со “Едмонд” од авторот Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, во Подгорица, Црна Гора на “Festival of International Alternative Theatre – FIAT” -— износ 164.00 денари“.
Износот за одржување на објектот е 150.000 денари кои ќе бидат потрошени за четириесет сијалици за рефлектори. На прес конференцијата беше истакнато и пронаоѓањето на оригиналната завеса подарок од српската кралица за тогашниот Битолски градски театар. Токму првата претстава на македонски јазик Ѓоре Магаревски се одвивала со таа црвена завеса зад актерите.
Најновата премиера — претставата за деца „Пинокио“во режија на Деан Дамјановски, ќе биде изведена на 28 февруари во 18 часот. Пред точно 30 години актерката Валентина Грамосли беше Пинокио, а oваа година Пинокио е актерот Никола Стефанов. За новата претстава Мавровски истакна:
„Мислам дека имаме уште еден голем спектакл во којшто вложивме многу средства, народни пари од страна на Министерството за култура и мислам дека целосно ја оправдавме посветеноста на работата со деца и за деца, бидејки овој театар е Народен театар и овој театар треба да создава што е можно повеќе поквалитетни, поспектакуларни претстави. А Пинокио е пример за тоа како и останатите театри во државата треба да вложуваат и да создаваат театар посветен на децата“.
Режисерот истакна дека последната соработка со Битолкиот театар била пред 5 години.
„ Тоа беше претставата „Сомнително лице“, исто една претстава којашто е сè уште на репертоарот и којашто, еве, како што ми кажува директорот, е секогаш полна и има интерес кај публиката. Мене ми е многу драго дека успеавме, да се договоривме со директорот дека овој проект треба да го има овде и дека ќе биде значаен. Овој пат направивме една таква синтеза или симбиоза меѓу возрасни, професионални актери и луѓе коишто го сакаат театарот. Некои од нив веројатно и ќе бидат еден ден на овие штици, млади луѓе кои безрезервно се втурнаа во оваа наша авантура. Можам да кажам дека процесот на работа беше доста интересен, пред се интересен и мислам дека со екипата многу добро се сработивме.
Претставата носи една интересна порака за изборите кои ги правиме во животот, за тоа дека секогаш, секојдневно сме поставени пред некакви избори и дека некогаш правиме погрешни избори, но никогаш не е доцна човек да се врати на вистинскиот пат“.
„Пинокио“, актерот Никола Стефанов истакна:
„Мислам дека оваа улога е нешто што ќе ми остави длабока трага во мојот актерски живот. За мене Пинокио не е кукла која станува момче, туку е совест која станува гласна. Мислам дека преку Пинокио децата ќе добијат поракат дека со пократкиот пат во животот е искреноста, смелоста, а доколку се занимаваат со поинакви или како да речам лоши работи, патот знае да стане подолг. Направивме забавна и поучна претстава која ќе биде интересна и за млади и за стари“.
Актерка Валентина Грамосли додава:
„Пред триесет години бев Пинокио, а сега Штурецот. Пред триесет години бев една наивна кукла која што оживува и е втурната во животот, а сега Штурецот, којшто треба таа кукла да ја води. И навистина е многу тешко да се биде совест на една дрвена кукла, во смисла, тешко е да се биде совест на едно дете кое што не е расипано, туку е чисто и влегува во животот. Како што кажавме, како што веќе спомнаа, многу е важно да се избере точно. Доколку секој од нас во животот има еден штурец кој што ќе биде негова совест, мислам дека животот и светот ќе биде многу, многу подобар“.
Покрај нив во претставата се и: Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски. Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски. Тон мајстор Александар Димовски, светло мајстор Игор Мицевски, суфлер Мирјана Христовска, инспициент Оливер Петровски.
На прес конференцијата беа и децата од Театарска школа „Бабец“, кои учествуваат во претставата и несебично, со вистинска посветеност и изненадувачка професионалност ги носат своите улоги: Софија Наумовска, Ана Анѓелевска, Веда Мавровска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана, Марија Каранфиловска, Лина Христовска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски.
Тие се дел од целиот процес – од првата проба до денес – растејќи заедно со приказната и внесувајќи ѝ искрена детска енергија што не може да се одглуми, туку само да се живее.
Официјално беше најавена и соработката со добро познатиот македонски илустратор Михајло Димитриевски, кој оваа година се потпишува зад дизајнот на рекламниот материјал и визуелниот идентитет на претставата, како и зад уникатниот дизајн на билетите. Со неговиот препознатлив стил, „Пинокио“ добива дополнителна визуелна магија уште пред да се крене завесата.







