Потпишана Декларација за спречување на насилството кај младите

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше потпишување на Декларацијата за намери за спречување на насилството меѓу младите, со цел зголемување на безбедноста и активното учество на младите во Северна Македонија.

Пет министерства, заедно со партнерски институции, невладини организации и членови на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, денес ја потпишаа Декларацијата за намери, со која се обврзуваат на поинтензивна соработка во спречувањето и справувањето со насилството меѓу младите.

Отворајќи го настанот, амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи потребата од подобро координирана превенција:

„Насилството кај младите не е низа на изолирани инциденти без вистинска причина. Потребно е заедничко разбирање и делување. Од сите нас: родители, наставници, врсници, социјални работници, органи на прогонот, правосудството и други. Декларацијата што се потпишува денес претставува заложба за навремено делување, за подобро слушање и поефикасно координирање, за младите да можат да живеат ослободени од страв и насилство.“

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, ја подвлече важноста од институционалното водство и координираност:

„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, ја презедовме одговорноста да го предводиме процесот на создавање на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, првиот национален механизам кој системски и сеопфатно се занимава со ова прашање. Денешното потпишување на Декларацијата за намера претставува значаен чекор напред во нашата заедничка определба да изградиме побезбедна средина за секој млад човек во нашата држава. Нашата визија е јасна – општество во кое секој млад човек ќе се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Општество во кое различностите се почитуваат, конфликтите се решаваат преку дијалог, а насилството нема место ниту во училиштата, ниту на улиците, ниту во дигиталниот свет.“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека низ годините наназад граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две е значително унапреден.

„Направивме законски измени согласно кои училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите“, рече Јаневска.

Потсети дека со приватниот сектор се подготвени прирачници за справување со врсничко и сајбер насилство, како и дека во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја истакна важноста на локалната безбедност, довербата и навремениот институционален одговор:

„Декларацијата за намери што денес ја потпишуваме поставува заедничка рамка за дејствување врз принципите на еднаквост, недискриминација, инклузивност, пристапност и активно учество на младите. Само преку силна меѓуинституционална соработка и навремена реакција можеме да создадеме побезбедна средина за младите – во училиштето, во заедницата и онлајн“, истакна Тошковски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја нагласи потребата од зајакнување на дигиталната безбедност и заштитата на младите луѓе на интернет:

„Најдобрата заштита на младите не е забраната, туку едукацијата. Не можеме да ги отстраниме сите ризици од интернетот, но можеме да ги подготвиме младите да ги препознаат, да реагираат соодветно и да знаат каде да побараат помош. Затоа Министерството за дигитална трансформација работи на подигнување на свеста за безбедно користење на интернетот.“

Државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски, ја нагласи улогата на спортот во унапредувањето на фер-плејот, почитувањето и ненасилното однесување меѓу младите и притоа додека дека:

„Министерството за спорт останува посветено на промоцијата на спортските вредности како важен дел од пошироките општествени напори за спречување на насилството кај младите и за изградба на општество засновано на почит, одговорност и солидарност.“

Пратеничката Драгана Бојковска, координаторка на Клубот за младински прашања и политики, ја истакна важната улога на Собранието во унапредувањето на политиките насочени кон младите, зајакнувањето на меѓупартиската поддршка за спречување врсничко насилство, но и за тоа како безбедноста на младите да остане високо на институционалната агенда:

„Превенцијата на насилството кај младите не е обврска само на една институција, туку заедничка одговорност на целото општество. Како Собрание, остануваме посветени на креирање политики што ќе обезбедат безбедна средина и поддршка за секој млад човек, затоа што вложувањето во младите е вложување во стабилна иднина.“

По воведните обраќања и потпишување на декларацијата следуваше панел дискусија на која учествуваше државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу. Тој говореше за тековните предизвици поврзани со насилството кај младите и зошто беше важно да се воспостави посебен национален механизам за ова прашање.

Сабриу во дискусија се осврна и на следните чекори кои Министерството ќе ги преземе, кои ќе бидат насочени кон физичкиот и кон дигиталниот простор: лансирање на национална кампања за дигитална писменост и сајбер-безбедност за млади, во соработка со граѓанскиот сектор и училиштата, со фокус на препознавање и пријавување на дигиталното насилство, таргетирано зајакнување на капацитетите на Центрите за социјална работа. Исто така, тој истакна и дека преку Секторот за млади во Министерството, во сите превентивни активности директно ќе бидат вклучени младинските сојузи и локалните младински совети.

Денешниот настан се одржа во рамките на националната работна група за превенција на насилство кај младите, која претставува прв национален механизам посветен исклучиво на ова прашање. Работната група е воспоставена од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклученост на институциите, органите за спроведување на законот, како и граѓанскиот и младинскиот сектор.

Со нејзиното формирање се овозможува платформа за координација и дијалог, со цел системско справување со насилството кај младите преку мапирање ризици, идентификација на приоритети и следење на спроведувањето на мерките.

Работната група има цел да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди сеопфатен пристап во превенцијата, со активно учество на младите во процесите на одлучување и креирање политики поврзани со нивната безбедност.

Scroll to Top