Министерството за култура и туризам соопшти дека започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала во Скопје.
Оттаму информираат дека постапката за избор на изведувач е успешно заокружена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила како неоснована жалбата на економски оператор и го потврдила изборот на најповолна понуда.
Со тоа, како што наведуваат, се отстранува последната правна пречка за почеток на градежните работи.
Се посочува дека со решението е потврдена Одлуката за избор на најповолна понуда од 23 март 2026 година и е избран конечен изведувач на проектот.
Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата треба да заврши до декември 2027 година.
Од Министерството наведуваат дека ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата 2028.
Со реконструкцијата, Универзалната сала ќе добие модерна и функционална културна институција, наменета за театарски претстави, концерти, фестивали и други културни настани.







