Предлог-законот за јавно обвинителство на јавна расправа

Денес во Собранието се одржа јавна расправа по Предлог-законот за јавното обвинителство, усогласен со правото на Европската Унија и европските стандарди, вклучително и мислењата на Венецијанската комисија и експертската јавност. Целта на предложеното законско решение е зајакнување на самостојноста на јавното обвинителство, како и подобрување на ефикасноста и квалитетот во неговото постапување, во согласност со европските практики.

Јавната расправа ја отвори претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов, кој ги поздрави присутните експерти, претставници на здруженија и асоцијации. Тој се заблагодари за нивното учество, нагласувајќи дека нивните мислења се од исклучително значење во процесот на унапредување и донесување на квалитетни законски решенија. Воедно, истакна дека овој Предлог-закон претставува важен чекор напред во рамки на реформската агенда.

Експерти и учесници во расправата изразија ставови во однос на предложените измени. Притоа беше истакнато дека една од неговите клучни цели е обезбедување достоинствен статус на јавните обвинители. Беше предложено вклучување одредби за регулирање на дежурствата на јавните обвинители и појасно дефинирање на позицијата на јавното обвинителство во рамките на власта, но и зајакнување на нивната дисциплинска одговорност. Буџетското зајакнување на институцијата се очекува да придонесе кон зголемување на довербата во правосудството и поефикасно постапување.

Јавната расправа претставува важен чекор кон донесување на квалитетно и европски усогласено законско решение, кое ќе придонесе за унапредување на правната сигурност и владеењето на правото, се истакнува во соопштението.

Scroll to Top