Раководител на образовен центар во Штип е приведен и му е одреден 30-дневен притвор, откако бил осомничен дека подолг период несоодветно допирал малолетни ученички за време на дополнителна настава.
Како што соопшти МВР, на 11 мај во 19:50 часот полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција при СВР Штип го лишиле од слобода А.Ш. (65) од Штип.
Според пријавата, тој како управител на образовен центар, за време на одржување на наставата, допирал по телото неколку малолетни ученички. Случајот во полициска станица го пријавиле родители, во присуство на ученичките и претставници од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Штип.
Со судска наредба биле извршени претреси во неговиот дом и во просториите на образовниот центар, при што биле одземени предмети за понатамошна постапка.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава. Судија на претходна постапка му определил мерка притвор во траење од 30 дена.







